Сиљановска-Давкова од Братислава: Сите земји кандидати треба да имаат еднаков третман на патот кон ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од Братислава порача дека сите земји кандидати за членство во Европската Унија треба да бидат третирани подеднакво и оценувани според европските критериуми, а не според билатерални прашања. Пораката беше испратена на заедничката прес-конференција со словачкиот претседател Петер Пелегрини, во рамки на нејзината официјална посета на Словачка.

Сиљановска-Давкова истакна дека Македонија и Словачка ги поврзуваат силни историски, културни и духовни врски, а денешната средба претставува можност за натамошно продлабочување на политичката, економската и културната соработка.

„Денеска, со претседателот Пелегрини разговаравме на повеќе теми и изразивме обострана подготвеност за унапредување на соработката во духот на заедничките односи, но и взаемната почит и разбирање“, рече претседателката.

Таа посочи дека веќе се забележуваат позитивни чекори во економската соработка меѓу двете држави, потсетувајќи на одржаниот бизнис-форум во Скопје, првата седница на Заедничката комисија за економска соработка во Братислава и воспоставената авиолинија Охрид–Братислава.

Голем дел од обраќањето беше посветен на евроинтегративниот процес на Македонија. Сиљановска-Давкова нагласи дека државата предолго чекала на својот европски пат и повторно ја истакна потребата кандидатите да се оценуваат според Копенхашките критериуми.

„Она што ние го бараме е да бидеме третирани како сите останати, да бидеме вреднувани според Копенхашките критериуми, да добиеме можност да се фокусираме на реформите и на владеењето на правото, наместо да ја губиме енергијата на билатерални прашања, што немаат врска со духот и словото на Копенхашките критериуми“, изјави таа.

Претседателката го поздрави ставот на Словачка дека идентитетските и културните прашања не треба да бидат предмет на политички условувања во процесот на пристапување кон Европската Унија.

„Го поздравувам словачкиот став дека идентитетските и културните прашања не треба да бидат предмет на политички условувања и преговори. Мислам дека токму почитувањето на културниот интегритет на секој народ е суштината на европската идеја“, нагласи Сиљановска-Давкова.

Таа исто така се заблагодари за словачката поддршка во евроинтегративниот процес, како и за активната улога на Братислава во иницијативите насочени кон побрза интеграција на земјите од Западен Балкан во европските структури.

Во разговорите меѓу двајцата претседатели станало збор и за актуелната безбедносна состојба во Европа, регионалната стабилност и улогата на НАТО. Сиљановска-Давкова порача дека Македонија ќе продолжи да придонесува за колективната безбедност како членка на Алијансата и како држава со усогласена надворешна и безбедносна политика со Европската Унија.

На крајот од обраќањето, претседателката изрази уверување дека посетата ќе придонесе за натамошно зацврстување на македонско-словачките односи и ќе отвори нови можности за соработка во повеќе области од заемен интерес.