Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, денеска беше пречекана со највисоки државни и воени почести во Цетиње од претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ. По официјалниот пречек, се одржа тет-а-тет средба меѓу двајцата претседатели, а потоа и пленарен состанок на делегациите од двете држави, кој заврши со заедничка прес-конференција.
Претседателката Сиљановска Давкова изрази благодарност за топлото добредојде, посочувајќи дека присуството на двете знамиња по улиците на Цетиње е символ на традицијата и блискоста меѓу двете земји. „Убаво е да се видат нашите знамиња заедно, а тоа понекогаш говори повеќе отколку зборовите“, изјави претседателката, по што додаде дека логично било првата посета по изборот да биде токму во Црна Гора, земја која, како што рече, е предводник на реинтеграцијата на регионот во Европската унија.
Сиљановска Давкова истакна дека географски, историски и културно, Црна Гора секогаш била дел од Европската унија и дека следниот важен чекор за двете држави треба да биде поголема економска и политичка соработка. „Следниот логичен чекор е средба на двете влади, бидејќи и двете се силно економски ориентирани и размената на искуства ќе биде од корист за развојот на нашиот регион“, додаде претседателката.
Во контекст на евроинтеграцијата, таа се осврна и на важноста од уставните измени во Македонија, нагласувајќи дека не постои пречка за во преамбулата да се внесат и Црногорците, како историски и културски поврзани со Македонија. „Ние многу пати сме се соочувале со уставни измени, но важно е тие да се случат во време кога ќе биде вистински потребно, по завршувањето на преговорите со Европската унија“, рече Сиљановска Давкова.
Таа ги пофали напорите на Црна Гора во процесот на интеграција во ЕУ, посочувајќи дека Македонија ќе се придржува кон сличен пат. „Јас се радувам на вашето напредување, на отворањето на четирите поглавја и на надежта дека 2028 ќе биде година на нашето влегување во Европската унија“, рече претседателката, додавајќи дека добрата соработка помеѓу државите на Балканот е клучна за стабилноста и напредокот на целиот регион.
Посебно се осврна на значењето на мирот во регионот и во светот, истакнувајќи дека е неопходно длабоки реформи, вклучувајќи и можноста за избор на жена на висока позиција во меѓународните институции како Обединетите нации, заради заштита на правата на жените и децата во конфликтни зони. „Мирот мора да биде нашата цел, бидејќи само со него ќе го изградиме идниот Балкан, кој ќе биде интегриран и дел од Европската унија“, нагласи претседателката.
На крајот, Сиљановска Давкова ја потврди својата посветеност на европските интеграции и мирната резолуција на сите отворени прашања, нагласувајќи дека само заеднички, со почитување и разбирливост, Балканот може да напредува кон посветла и стабилна иднина.