Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го имаше годишното обраќање во Собранието пред пратениците, министрите и премиерот. Таа повика на храбар исчекор кон ЕУ.
„Балканот е природен дел на Европа: географски, историски и културно. Европската идеја е уникатна политичка филозофија подржана од сите политички актери, партии, но и граѓани во регионот. ЕУ членството ќе биде моќен мотив за демократски промени во регионот, што трајно ќе оневозможи закана и дестабилизација од фрустрираните националисти и ќе гарантира траен мир, истакна Сиљановска Давкова.
Претседателката нагласи дека е апсурдно што ЕУ бараат измени на Устав.
„За што разговараме ние со Бугарија? За историја, култура и јазик. И европската конвенција за фундаментални прави, како еднаква по важност со Лисабонскиот договор, во преамбулата вели дека ЕУ ќе ги почитува различните култури и традиции на европските народи и националните идентитети. Членот 4 став 2 промовира еднаквост на земјите членки и идентитети и уставните структури. Како тогаш ЕУ функционери бараат тогаш да го смениме Уставот за да почнеме преговори?“, рече претседателката.
Сиљановска-Давкова кажа дека се чувствува навредено кога ќе ја прашаат дали ќе биде сменет Уставот.
„Нашата усогласена, проактивна, конструктивна и проевропска европска политика манифестира потентност. Можеби на почетокот им звучевме чудно, за разлика од претходниците. Сега споменуваме исти проблеми што бараат нови, заеднички решенија. Морам да го прочитам членот 49 од Лисабонскиот договор. Секоја земја во Европа може да аплицира за членство, и условите за прием на нови членови се предмет на договор меѓу ЕУ и апликантот. Овој договор се ратификува од сите земји. Мора да кажам дека прашање дали ќе го смените Уставот, ме навредува, и како професорка и како претседателка“, рече Давкова.
По децениско отуство на стратегија за регионот, рече претседателката, во Планот за раст и во реформските агенди, а особено во нашата Реформска агедна, препознавам стратешки пристап, но и конкретни реформи со рокови и финансии, со што се гарантира и стимуира процесот од обете страни.
-Токму затоа, не смееме да дозволиме ни тие, ни ние, наместо на реализирање на стратешките цели и предизвици и на реформите, енергијата и времето да ги насочиме кон историјата, согласно Заклучоците на Советот и протоколите, односно записниците. Ако зборуваме за Pacta sun servanda”, да посочам дека во Договорот за добрососедство и пријателство нема ниту еден збор за уставни измени, нагласи претседателката во своето годишно обраќање во Собранието.