Сиљановска: Илузија е ако некој мисли дека во моментот кога ние ќе ги запишеме Бугарите во Уставот, готово ќе тргне процесот!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова денеска во интервју за Канал 5 истакна дека ние не сме воопшто финансиско-буџетско оптоварување за ЕУ.

Според неа, ние сме биле отсекогаш географски, историски и културно дел од ЕУ, сме докажале дека сме кооперативни, дури и водиме европска надворешна и безбедносна политика.

„Ако некој мисли дека во моментот кога ќе ги запишеме Бугарите во Преамбулата, готово, ќе тргне процесот, мислам дека е тоа повторно илузија“, рече Сиљановска Давкова.

Таа вели дека преговарачката рамка е правен факт, но може, на добра волја да се договори дека Бугарија нема да го употребува ветото за тоа што со Преспанскиот договор е веќе забрането – историја, култура, наследство…

За тоа дали планира посета на Брисел за почеток на преговорите, претседателката рече дека „се видела со речиси сите луѓе кои се сега на функции таму и тоа и дава надеж дека ќе има некаков континуитет во расположението за проширувањето“.

„Не можам да тврдам дали ќе ги убедам, но јас имам обврска како претседателка да ги бранам државните и национални интереси и да се обидам да ги убедам. Јас имам проблем со оние кои не се обиделе ништо да предочат од ова што го зборувам и сега повторно веруваат дека уште ова, уште да го смениме Уставот и проблемот ќе го решат. Барам разбирање. Го имаме Преспанскиот договор. Се смени Уставот, сменивме документи и за надвор и за внатре, дури и шахтите ги сменивме, но кога во Договорот има две страни, треба и другата“, изјави Сиљановска Давкова.

Таа рече дека и во ЕУ се развила широка дебата за деблокирањето на проширувањето, и се појавиле „нон-пејпер“ и студии како да се ограничи употребата на ветото заради ова што се случува.

„Нема да запре ветото на нас, тоа бидете сигурни и тогаш целиот процес ќе биде загрозен на проширување, а нели недовршена симфонија е ЕУ без Западен Балкан и ние сме Ахилова пета. Зборот ми е, не случајно се сите овие расправии и предлозите се, само на почетокот да има вето или на крајот, или на почетокот и крајот, во меѓувреме да не може да се употреби ветото. Да ве потсетам на нашиот предлог, дека ние велевме дека и досега сме имале одложена примена на некои одредби, може и тоа да се договори. Може на добра волја да се договори дека Бугарија нема да го употребува ветото за тоа што е со Преспанскиот договор забрането, за историја, за култура, за наследство. Ако некој мисли дека во моментот кога ние ќе ги запишеме Бугарите во Преамбулата на Уставот, готово ќе тргне процесот, тогаш мислам дека е тоа повторно една илузија. Ако ние сме поминале низ една тешка одисеја на промена на име, на неуспешен референдум, на пратеници кои на многу чуден начин гласаа. Сето тоа треба да се има предвид за да се убеди… Значи сите страни треба да бидат на потег. Значи може одложено дејство, може толкување, да почнеме ние преговори да не става Бугарија вето за да изградиме пријателски односи, ние ќе брзаме во исполнувањето на Копенхагенските критериуми, Бугарија ќе покажува добра волја, нема да не кочи и така ќе се сретнеме побрзо. Ем, ќе стапат во сила измените, ем ние ќе бидеме пријатели“, изјави Сиљановска Давкова.