Сиљановска: Уставен суд-закотвен брод во Вардар – Костадиновски: Да се знае кој може да биде уставен судија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Уставниот суд е најнереформираната институцијата во земјава, констатираше нејзиниот претседател Дарко Костадиновски на дебатата посветена на потребата од носење на закон за Уставен суд.

Според него неприфатливо е тоа што уставотворците оставиле празнина, но воедно и тоа што самите уставни судии оставиле да не биде регулирано функционирањето.

„Се залагам за закон за Уставен суд но не било каков закон, значи или со интервенција во Уставот да се даде уставен основ за двотретински закон или уставен закон за доконкретизирање на уставните одредби. Една од најчестите критики во уставното судство изминативе 34 години е генеричкиот термин истакнат правник. Не е невозможно да се објективизира и конкретизира, да се прецизира кој се може да биде уставен судија“, вели Дарко Костадиновски.

Ако побарате да набројам врвни уставни судии кои оставиле печат на уставната демократија, тоа се само околу петмина, рече претседателката Гордана Силјановска Давкова. Според неа голем дел од нив не биле истакнати правници туку партиски личности. Секаде во светот се плашат од хиперактивни уставни судови, а ние се молиме да биде активен, критикуваше Давкова.

„Во Венецијанската комисија знаеле за Мирјана Трајковска, знаеле за Игор Спировски, меѓутоа за многу други не. Значи, не биле истакнати правници туку биле истакнати политички или партиски активисти и за заслугата добиле место во Уставниот суд. Во една прилика, цинично изјавив дека ме потсетува на закотвен брод во Вардар“, вели Гордана Сиљановска Давкова.

На дебатата свои воведни обраќања имаа и амбасадорите на САД Анџела Агелер, на Европската унија Михалис Рокас како и германската амбасадорка Петра Дрекслер.