Силен земјотрес утрово на југот на Шпанија, регистрирана материјална штета

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Земјотрес со магнитуда 5,0 рано утрово го погоди подрачјето на Гранада, во јужна Шпанија, со епицентар во близина на местото Алхендин. Засега нема информации за повредени, но регистрирана е материјална штета, а потресот бил почувствуван и во неколку други провинции.

Шпанскиот Национален географски институт (IGN) првично ја проценил јачината на земјотресот на 4,8 степени, но подоцна ја коригирал на 5,0. Земјотресот бил на многу мала длабочина од само два километри, што придонело за неговото силно чувствување во поширокото подрачје.

Во повеќе делови на Гранада биле забележани одрони, паѓање делови од фасади и покриви и друга материјална штета. Во Лас Габиас, една зграда превентивно била евакуирана поради сомневање дека е оштетена.

Службата за итни случаи 112 примила повеќе од 200 повици од граѓани. Во Хуетор Вега било регистрирано и прекинување на електричната енергија.

Градските власти на Гранада соопштија дека засега нема сериозни или широко распространети оштетувања, но службите продолжуваат со проверка на објектите.

Претседателот на владата на Андалузија, Хуанма Морено, ги повика граѓаните да останат смирени и да бидат внимателни во близина на оштетените фасади и покриви поради можноста од дополнително уривање.