Силен земјотрес во Колумбија: најмалку 20 загинати, голема материјална штета

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Најмалку 20 лица загинаа во силниот земјотрес што го погоди северозападниот дел на Колумбија, јавува „Скај њуз“.

Земјотресот бил со магнитуда од 7,4 степени, а епицентарот се наоѓал на околу 34 километри северозападно од градот Картаго, на длабочина од 115 километри.

Најпогоден е департманот Чоко, каде што во главниот град Кибдо се регистрирани повеќе повредени и значителна материјална штета. Гувернерката Нубија Каролина Кордоба-Кури соопшти дека се урнале неколку објекти и дека надлежните екипи ја проценуваат состојбата.

„Загрижени сме поради можните афтершокови. Во Кибдо има повредени и значителна штета на зградите“, соопшти таа.

Според локалните медиуми, оштетени се катедрала и повеќе од десет аеродроми. Во Кали и Манизалес се уривале делови од фасади, додека на катедралата во Манизалес е оштетена една од кулите.

Дел од покривот на меѓународниот аеродром „Матекања“ исто така се урнал. Спасувачките екипи работат на терен и проверуваат дали има луѓе заробени под урнатините. Засега нема потврдени жртви или повредени од овој објект.

Силниот потрес бил почувствуван и во соседните Венецуела, Еквадор и Панама. Според надлежните, нема опасност од појава на цунами.