Мотото „Посилна Европа – посилно НАТО“ значи проширена и обединета Европа, а таква Европа е најсилна. Ваква порака испрати претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова пред официјалниот почеток на НАТО самитот. Нагласи дека вистинската сила произлегува од почитувањето на принципите, вредностите и демократијата.
„Денеска би дакала да кажам дека мотото „Посилна Европа – посилно НАТО“ според мене значи дека проширена, проширена и обединета Европа е посилна Европа. Но, најсилната Европа е Европа што живее во мир и демократија базирана на принципи и вредности. Тоа е мојата порака“, порача Гордана Сиљановска Давкова .
Во пресрет на самитот на НАТО, Сиљановска-Давкова синоќа присуствуваше на приемот организиран од претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.
„Во духот на сојузништвото и меѓусебната почит, со шефовите на држави и влади разменивме мислења за натамошното обликување на евроатлантската безбедносна архитектура, јакнењето на колективната одбрана и зацврстувањето на трансатлантското единство. Убедена сум дека со политичка мудрост, заемна доверба и цврста посветеност можеме да креираме решенија во служба на мирот, стабилноста и безбедноста“, вели Гордана Сиљановска Давкова.
На дводневниот самит, на кој учествуваат лидерите на 32-те земји членки на НАТО, главни теми се зајакнувањето на колективната безбедност, зголемувањето на инвестициите во одбраната и натамошната поддршка за Украина.
Во рамки на самитот, претседателката ќе има и свое обраќање пред Северноатлантскиот совет, а предвидени се и повеќе билатерални средби со шефови на делегации од земјите членки на Алијансата.
Сиљановска-Давкова на самитот ја предводи македонската делегација, во чиј состав се министрите за одбрана и за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, како и генерал-мајор Сашко Лафчиски, началник на генералштабот на Армијата.
