Силна европска поддршка за интеграција на земјата – Мишел: Важна можност, не смее да се пропушти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во одлучувачки момент за државата, во Скопје слета претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Тој дојде за да ја охрабри и увери домашната политика, но и јавноста дека доколку Македонија му каже „да“ на францускиот предлог, првата Меѓувладина конференција ќе се организира веднаш во наредните неколку дена.

„Ако кажете „ДА“, првата Меѓувладина конференција ќе се организира во наредните неколку денови и ќе ја имплементира одлуката од март 2020 година, а потоа ќе продолжат следните чекори, но ќе почнат веднаш. Најважно е да почне скринингот, но билатерален скрининг. Преговарачките тимови ќе бидат повикани во Брисел и со овој предлог јасно дискутираме и за македонскиот јазик – тој е ваш јазик и предлогот го почитува тоа. Законодавството на ЕУ целото ќе биде преведено на македонски јазик“, истакна Шарл Мишел.

Премиерот Ковачевски, по средбата со Мишел, рече дека со францускиот предлог се зачувани црвените линии на РСМ, а со прифаќање на истиот, земјава веднаш ќе ги почне преговорите со ЕУ. Додаде дека никој никогаш досега не успеал да го асимилира македонскиот народ, а тоа нема да се случи ниту со францускиот предлог. По консултациите со сите политички чинители, одлуката за старт на преговорите е во рацете на Собранието, објасни Ковачевски.

Мишел нагласи дека оваа можност е многу важна и не смее да се пропушти. Истакна дека никогаш не сме биле поблиску до ЕУ и увери дека ќе стои зад легитимните права на граѓаните на Македонија.

„Свесни сме за загриженоста на некои луѓе во врска со вашиот национален идентитет. Може да сметате на мојата целосна поддршка како претседател на Европскиот совет дека систематски ќе стојам зад вашите легитимни права, а се разбира дека добрососедските односи се неопходен елемент во процесот на проширување, како што е за сите партнери од Западен Балкан“, вели Шарл Мишел.

Ковачевски додаде дека модификуваниот предлог, ги става и билатералните и историските прашања вон преговарачката рамка, а Протоколот меѓу Македонија и Бугарија не е нотиран во рамката, туку е само документ.