Силни и јасни пораки од Словенија – Пахор: Не смее да има одложување на меѓувладината конференција

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Македонија исполни многу од условите за започнување преговори со Европската унија и затоа не смее да се дозволи да се попречи одржувањето на Меѓувладината конференција. Ова го истакна словенечкиот претседател Борут Пахор, кој истакна дека не смее да дојде до такво нешто, бидејќи тоа ќе предизвика интертност на целиот процес во регионот.

„Мојата денешна посета тука во Скопје не е случајна, времето на оваа посета не е случајно. Го избрав затоа што сакам како претседател на една од 27-те држави посебно да нагласам дека сега е вистинска прилика да не се одложува почнувањето на Меѓувладината конференција.“, рече Пахор.

Иако бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов во својата изјава за одложување на Меѓувладината конференција рече дека говори од името на бугарската влада, Пендаровски сепак истакна дека таквите изјави не можат да се сметаат како официјален став на Бугарија. Тој најави интензивирање на разговорите на Меѓудржавната комисија и дека наскоро ќе има одредени договори кои не задираат во националните интереси. Убеден сум дека Бугарија нема да си дозволи да не блокира во декември истакна Пендаровски.

„До овој момент не постои позиција официјална на бугарската влада и на бугарската држава со која тие бараат одложување на првата Меѓувладина конференција. Јас би почекал да видам наредниве, недела до две како ќе се одвива преговарачкиот процес во Брисел, има некакви позитивни назнаки има некакви сигнали дека тука може да се најде некаков компромисно решение за некои точки кои ги знаете сите барем во македонската јавност кои се за нас прилично спорни“, рече Пендаровски.

По средбата и заедничката прес конференција двајцата претседатели Пахор и Пендаровски го посетија гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас каде положија венци. Словенечкиот претседател имаше обраќање и пред пратениците во Собранието а попладне и средба со премиерот Зоран Заев.