Попладнево силно невреме, проследено со пороен дожд и силен ветер, ја зафати Албанија, предизвикувајќи прекин на воздушниот, поморскиот и делови од патниот сообраќај.
Според „Евроњуз Албанија“, привремено е запрен авионскиот сообраќај на меѓународниот аеродром во Тирана, поради тоа што силниот ветер и дождот ја оневозможиле нормалната работа на пистата. Летовите се прекинати сè додека не се стабилизира временската состојба.
Големите бранови на Јадранското море предизвикаа застој и во поморскиот транспорт, а во пристанишниот град Драч, како и во Тирана и други делови од земјата, ветерот корнеше дрвја и предизвикуваше материјални штети. На повеќе места има прекин во снабдувањето со електрична енергија.
Министерството за внатрешни работи апелираше до граѓаните да се движат со голема претпазливост и строго да ги почитуваат сообраќајните правила, а доколку немаат потреба, да не излегуваат од домовите. Улиците, како што се наведува, се полни со вода, паднати дрвја, гранки и откорнати покриви.
Во соопштението се додава дека локалните полициски дирекции, противпожарните единици и општинските служби се на терен за да обезбедат поддршка, а за итни случаи граѓаните треба да се јават на бројот 112.
Според албанските медиуми, поради невремето дел од туристите веќе го напуштаат крајбрежјето.
