Симулација на гласање за локалните избори – уредите за идентификација ќе ги имаат податоците на гласачите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во спортската сала „Борис Трајковски“ беше направена симулација на гласачкиот процес за локалните избори. За првпат гласачите ќе бидат идентификувани преку отпечатоци на прсти.

Најпрвин избирачот ги дезинфицира рацете, му приложува валидна лична карта или патна исправа на членот на Избирачкиот одбор, потоа ја потргнува маската на неколку секунди за да го идентификуваат. Потоа, показалецот го спушта на терминалот за идентификација. Кога Избирачкиот одбор ќе констатира дека гласачот го докажал својот идентитет, дека нема гласано претходно и дека неговиот прст се совпаѓа со отпечатокот од електронскиот список, на мониторот на уредот ќе излезат податоците од Избирачкиот список на тој гласач. Доколку избирачот претходно не гласал, информациите ќе бидат прикажани со зелена боја. Доколку уредот не може да најде совпаѓање на отпечатоците од прсти, сигнализира со жолта боја. На крај, гласачот се потпишува во Избирачкиот список, зема гласачко ливче и оди зад параванот да ја изврши својата граѓанска должност.

„Користењето на биометриски системи за идентификација е застапен насекаде. Целта е да се обезбеди еднаквост на гласачите согласно принципот „еден гласач, еден глас““, истакна Адмир Шабани.

Првиот човек на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, вели дека оваа новина ќе спречи секаква можна злоупотреба на гласот, особено фантом гласачи.

За првпат, на годинешните локални избори за гласање ќе се користат уреди за биометриска идентификација на гласачите. Уредот ги чита отпечатоците на прстите и се обидува да најде совпаѓање со отпечатоците во електронскиот Избирачки список за сите гласачи запишани на тоа гласачко место.