По вработените во Управата за јавни приходи и управата на судството, сега протести и затворање на граничните пунктови најавуваат и вработените во Управата за царина. Во случај да нема одговор од надлежните институции на нивното барање, а тоа е исплата на 30 отсто додаток на платите, тие во петок ќе излезат на протест. Велат дека со години не го добиле она што им следува според законот и колективниот договор.
Споменатите институции чекаат одлука од министерот за финансии Фатмир Бесими. Тој, пак, рече дека во фаза на преговарање е општ колективен договор кој ќе овозможи континуирано и стабилно зголемување на платите и дека нема простор за посебни решенија пред да се потпише. Но, кога може да се случи истото и дали ќе се чека до ребаланс на буџетот, или во буџетот за наредната година, дефинитивен одговор нема.
„ Се работи на потпишување на општ колективен договор кој подеднакво би се однесувал за сите вработени во јавниот сектор. Таму го дефиниравме процесот и се водат преговори и очекуваме да се договорат ставовите“, вели Фатмир Бесими.
Вработените во судската администрација и во Управата за јавни приходи вчера изразија незадоволство и се заканија со генерален штрајк.
