Почна исплатата на јануарската плата за здравствените работници како што информираше и ФЗО. Но, плата не примиле сите клиники, вели потпретседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски.
Лекарите од Клинички Центар утре ќе се собираат за време на пауза, со цел да не ги стават во тешка ситуација пациентите, за да го искажат нивното незадоволство за неисполнување на ветувањето за покачување на платите.
Пред три недели во емисијата Клик Плус, министерот во заминување за здравство, Беким Сали, рече дека за една недела ќе се потпише нов колективен договор за покачување на платите и дека од февруари ќе има покачување, но тоа не е исполнето.
„Можам да соопштам ексклузивна вест дека ќе има поправка кај платите во здравство за многу групи и во текот на следната недела ќе се промовира договорот кој ќе го направиме со Синдикатот.“, изјави Беким Сали.
Со оглед на тоа што е прифатено барањето за исплата на платите за месец јануари, независниот медицински синдикат најави дека нема да организира ниту да учествува на протест или штрајк. Исто така, нема да поднесат кривична пријава против одговорното лице за системот.
