Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши наредната недела ќе ги убедува работодавачите дека е добро да се зголеми минималната плата. Тој вели дека има политичка волја да зголемување, но дека тоа не зависи од него.
„Јас сакам да биде 600 евра. Но, ајде да ги видиме сите засегнати страни, да се отвори темата на маса во првите денови на месец декември ќе се отвори оваа тема… Ќе ги видиме сите засегнати страни, ќе ги видиме и можностите на владата, дали се предвидени толку средства или не, или дали има можност да ги покријат тие. Ќе ги видиме и барањата на работодавачите оти и тие се засегнати страни на ова барање.“, рече Дурмиши.
За првиот човек на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов, потребно е зголемување на минималецот бидејќи загрижува иселувањето на работниците пред се во градежниот сектор каде за седум години иселени се 12.500 градежници. Наведе дека во Црна Гора минималецот е 680 евра, од први јануари во Босна и Херцеговина ќе биде 600,а во Србија е 454 евра и затоа треба да се прифати синдикалното барање за 450 евра.
„Во јавниот сектор многу мал број на работници примаат минимална плата и за многу мал број работници ќе биде оптоварувањето на буџетот. Додека пак газдите во приватниот сектор не треба никој да ги жали, најмалку ние синдикатите.“, вели Трендафилов.
Трендафилов изнесе податок дека 10.000 работници во државава земаат од еден до 22.500 денари плата, а 25 илјади минималец од 22.567 денари, што значи дека платите им се исплаќаат во плико и државата годишно губи по 250 милиони евра поради несобрани давачки во пензискиот и здравствениот фонд. Според пресметките, законското усогласување на минималната плата кое следува во март 2025 ќе биде од 1.600 до 1.800 денари повисоко, што значи дека минималецот би бил од 24.100 до 24.300 денари.