Сите вртат глава од критиките на Коп – Османи: Нема влијание врз судството, Ковачевски не знае кој врши притисоци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп кој директно и отворено му ја пренесе пораката на првиот човек на ДУИ Али Ахмети дека има назадување во владеењето на правото како и недозволиво политичко мешање во работата на Врховниот суд само го потврди она што изминатиот период тој  го укажуваше. Пораката тој ја пренесе на Фејсбук страната на амбасадата во која ја означи и страната на ДУИ.

„Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети да му ја пренесе пораката дека по две години назадување во владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во Европската унија е загрозена низ политичкиот спектар. Исто така неприфатливо е политичкото влијание врз претседателот на Врховниот суд и ќе има силна реакција од Холандија“, велат од Амбасадата на Холандија.

Но, дали интегративците ја сфатија пораката? Министерот за надворешни работи и воедно портпарол на ДУИ Бујар Османи се обиде да ја релативизира критиката и рече дека со ова тој сакал да го намали притисокот за членство во ЕУ и дека изјавата не е критика туку судир на концепти. Според Османи нема политичко влијание врз судството туку влијание од олигарсите.

„Тој смета дека ние можеме да постигнеме европски стандард на владеење на правото и без преговори со Европската унија. Од една страна некој тоа го чита како комплимент од друга страна некои го читаат како намалување на притисокот за проширување на Европската унија. Ставот дека има политичко влијание во судството од наша страна повеќе сметаме дека одредено влијание на олигархијата во критични точки во системите во државата кој што се многу поопасни отколку одредено политичко влијание“, вели Бујар Османи.

Но покрај Османи, се чини пораката не допира ниту до првиот човек во Владата. Ковачевски вели дека е во ред ставот на амбасадорот Коп, но доколку има притисок треба да се каже со име и презиме.

„Доколку било кој бил под притисок од било кого тоа треба да го каже со име и со презиме. Не може амбасадор, мислам во ред е ставот на амбасадорот меѓутоа сепак сметам дека ако има притисок, тој треба да се каже со име и со презиме“, вели Димитар Ковачевски.

Според Мицкоски пак, холандскиот амбасадор Коп го кажал тоа што ВМРО-ДПМНЕ го зборувало со години.

„Амбасадорот на Холандија го повтори тоа што ние го зборуваме со години наназад, дека не владее правото дека имаме партизирано октроирано судство, се вршат притисоци врз судии, се избираат партиски судии и во Судски совет, обвинители се бираат, сега повторно имаме еден таков оглас каде што набрзина се прават притисоци да се изберат нови судии и обвинители“, посочи Христијан Мицкоски.

За ДУИ доаѓаат критики и од Европската унија, и од амбасадорката на САД и таа стана главна кочница за интеграција на земјата во Европската унија, вели Изет Меџити од Европскиот сојуз за промени.

„Пораката пренесена на овој состанок од страна на амбасадорот уште еднаш даде до знаење пред пошироката јавност дека ДУИ е вистинската пречка за интеграција на земјата во Европската унија со сите нивни антиевропски и антидемократски дејствија и нивните секојдневни коруптивни скандали“, вели Изет Меџити.

Ова не е прв пат холандскиот амбасадор Коп директно да не искритикува за состојбата во судството а во мај минатата година откако се случија скандалите во Судскиот совет го стави во мирување проект со кој се финансираше подобрување на работењето во советот.