Ситуација алармантна и во Охрид: Многу куќи поплавени во селото Орман

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поплави го зафатија и регионот околу Охрид, каде што беа погодени неколку села и делови од градот. Ситуацијата се менаџира од страна на Општината и јавните претпријатија. Градоначалникот Кирил Пецаков, вели дека најтешка е ситуацијата во селото Орман, каде што минува и реката која се излеала од коритото.

-Најголем проблем создава Коселска река и она што доаѓа од Тепелополе преку каналите – отворени се два-три канали кои 30 години не примале вода. Ова се случува по 30 години, и голем дел од куќите се поплавени и се во опасност. Поплавите продолжуваат, додека Коселска река се излеа од коритото на повеќе места, а најпогодено е селото Орман, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

Од Центарот за управување со кризи велат дека остануваат на терен за да ја набљудуваат ситуацијата одблизу.

„Во Охрид и околината, поради обилните врнежи од дожд, има поплавени подруми, дворови и некои објекти во градот. Некои потоци се излеаја од коритото, додека локалните власти и претставници на кризниот штаб се на терен, а тимовите на јавните претпријатија „Водовод“, „Ниско градба“ и „Комуналец“ интервенираат и го отстрануваат водата“, велат од ЦУК.

Градоначалникот Пецаков истакна дека следните 24 часа се критични за Охрид, бидејќи утринава во планинските делови, од каде што се слева и реката која се излеа од коритото, падна и снег.