Десетина студенти со незавршени соодветни додипломски студии биле незаконски запишани на магистерски и докторски студии на Филозофскиот факултет. Скандалот го откри Просветниот инспекторат кој донел решенија за поништување на уписите поради неисполнување на законските услови. А го потврди и министерката за образование Јаневска. Таа го чека извештајот на Факултетот за да донесе конечно решение. А студентите, поради прекинот во студиите се ставени во правен и финансиски ќорсокак.
„Констаторани се нерегуларности на Филозофскиот факултет, но не при упис на додипломски, туку при упис на постдипломски студии, втор и на трет циклус студии. Државниот просветен иснпекторат постапуваше, донесе заклучоци, го информираше Факултетот. Факултетот треба да постапи. Колку што мене ми е познато, постапува. И конечно јас го чекам конечниот извештај, откако ќе помине рокот за постапување, за да како министер овластен во таа област го донесам и конечното решение“, вели Весна Јаневска.
Деканот на Филозофскиот факултет Оливер Бакрески вели контролата од Просветниот инспекторат сами ја побарале и постапиле по решението. Станувало збор за студенти кои имале завршено тригодишни стручни студии и едногодишни магистерски студии. Тврди дека биле 7 до 8 студенти. А парите ќе им бидат вратени. Според информации кои ги добил, вакви уписи имало и на другите факултети, но тврди мора да работат законски и да постапат по Решението на инспекторатот.
„За жал моравме да ги испишеме тие студенти. Во однос на наодите дека факултетот, условно нема никаква повратна информација во однос на студентите да ги врати финансиските трошоци, затоа што имаат финансиски импликации додека студираат, апсолутно тоа тврдам категорично не е така. Ќе ви ги покажам списите. Сите студенти односно половина од студентите кои ги доставија своите трансакциски сметки во текот на вчерашниот ден потпишани беа налозите, денес или утре парите ќе им бидат вратени“, вели Оливер Бекрески.
Реакциите во медиумите беа дека поради поништените уписи, студентите останале без статус, но и без средствата што ги уплатиле. За магистерски студии трошоците изнесуваат од 2.000 до 3.000 евра, а за докторски и 5.000–6.000 евра. А дел од студентите веќе ангажирале адвокати и најавиле судски постапки.
