Автобусите се вратија на скопските булевари, Советот на Град Скопје изгласа субвенции

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вработените во ЈСП попладнево прекинаа со штрајкот и веќе автобуси можат да се забележат низ Скопје.

Советот на Град Скопје со 25 гласа „за“ и ниту еден против и воздржан на денешната 14. вонредна седница ја донесе одлуката за давање на субвенции на ЈСП Скопје за 2024 година во висина од 11 милиони евра.

Денеска Скопје и скопјани останаа без автобуски превоз. Автобуските станици во градов во поголемиот дел од денот останаа празни, откако вработените во ЈСП од утрово стапија во штрајк. Редуцирано се возеше само до 9 часот наутро а потоа автобусите останаа паркирани и вработените во ЈСП излегоа на протест пред Советот на Град Скопје а ним им се приклучија и приватните превозници. Синдикатот бараше исплата на декемвриската плата и целосна исплата на субвенциите. За ова се одржа и вонредна седница на Советот на Град Скопје, на која имаше бурна расправа.

„Ние се доведовме во ситуација вработените да излезат тука на штрајк бидејќи немаат земено плата за декември заради тоа што одлуката за субвенциите не се изгласа. Затоа ве повикувам овие луѓе кои што се гладни надвор и граѓаните кои што патат заради ваквите одлуки да ја донесете одлуката да ја изгласаме“, порача Крсте Петревски.

Поддршка на вработените на ЈСП дојде од градоначалничката Данела Арсовска и обвини дека советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ намерно креираат криза.

„Имавте барање за свикување вонредна седница од 10 јануари за да ги изгласате сите неопходни одлуки и програми и барања за субвенции кои што се важни за јавните претпријатија и за нивно непречено функционирање затоа што истите се обезбедени од буџетот. Наместо тоа покрај ЈСП некој тука сака да креира иста ваква слика и во останатите јавни претпријатија“, вели Данела Арсовска.

Но советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваа со барањето и обвинуваат дека менаџментот на ЈСП не работи економски.

„Сте излегле вие сте ги прашале луѓето, гледате дека немаат автобуси. Чекаат. Зошто немаат автобуси како можеле да имаат со помалку средства а сега со истурање на средства во претпријатието вие повторно не можете да обезбедите квалитетен јавен градски превоз“, порача Марија Андоновска.

Видео материјал подготвен пред изгласувањето на субвенциите: