Скопје во следните девет дена е домаќин на голем меѓународен танцов настан, со учество на повеќе од 2.900 натпреварувачи од европски земји. Во Т-Арената, во рамки на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, започна IDO European Dance Championship 2026.
Од 21 до 29 септември, танчери од различни возрасни категории ќе се натпреваруваат во повеќе танцови дисциплини и стилови. Покрај натпреварувачите, во Скопје пристигнаа и тренери, меѓународни судии, официјални делегации и посетители.
Натпреварувањето е меѓу најмасовните танцови настани што се одржуваат во Европа, а неговото одржување во главниот град се очекува да донесе и дополнителна посетеност на хотелите, рестораните и останатите угостителски капацитети.
Централниот протоколарен настан е предвиден за петок, 25 септември, со почеток во 14:30 часот, кога ќе се одржи официјалната Парада на нациите. На неа ќе продефилираат учесниците од сите пријавени држави.
Европското првенство ќе трае до 29 септември, кога се предвидени финалните натпревари и прогласувањето на победниците во завршните категории.
