Се потпиша билатералниот протокол помеѓу Северна Македонија и Бугарија. По потпишувањето во Софија, министерот за надворешни работи Бујар Османи , присуство на неговата колешка во заминување Теодора Генчовска рече дека се надева оти од денес ќе се отвори едно ново поглавје во односите помеѓу двете земји, почнувајќи од најобичниот граѓанин па се до политичарите.
Во нејзиниот говор, министерката во заминување Генчовска рече дека Бугарија силно ја поддржува интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ.
„Им посакуваме успех на патот кој одамна одбраа да го следат. Се надевам дека со заеднички напори и со наша поддршка ќе стигнат таму каде граѓаните на Северна Македонија највеќе посакуваат, а тоа е членство во Европската Унија. Честитки!“, рече министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска.
Но, по потпишувањето на протоколот, Генчовска уште еднаш повтори дека Бугарија не го признава македонскиот јазик.
„Целосно ја поддржуваме одлуката на народното Собрание според која Бугарија не го познава тој јазик. Што се однесува до преостанатите 26 земји членки на ЕУ, тие имаат свои позиции и ние на ниту еден начин не можеме да ги натераме да го прифатат нашиот став. Но, бугарската позиција е гарантирана во преговарачката рамка“, додаде Генчовска.
Според Османи, на протоколот се работело многу, со цел соработката да биде поблиска.
Генчовска потенцираше дека протоколот има конкретни рокови за имплементација и во преговарачката рамка се предвидени механизми за контрола на самата имплементација. Не се работи просто за билатерален протокол затоа што неговата имплементација ја надгледуваат и преостанатите членки на Унијата, додаде таа. Протоколот ќе биде дел од преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија и содржи мерки за образовните програми, историјата, говорот на омраза и културата.
