Скопје и Тирана повторно очекуваат датум – Димитров со резерва: Да ја видиме одлуката, па потоа ќе се радуваме

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шефот на дипломатијата, Никола Димитров, се надева дека новата преговарачка Методологија веќе ја „згаснала“ загриженоста кај земјите-членки на ЕУ, кои в октомври не беа подготвени да дадат датум за Северна Македонија. Од Форумот, кој се организира во рамките на Берлинскиот процес, Димитров рече дека земјата направила храбри чекори, а истовремено и упати критики за наративот на македонска опозиција, која како што рече, сака да ја уназадува земјата.

„Да се биде оптимист во јуни 2018, јуни 2019 и октомври 2019, сега веќе треба да бидеме внимателни. Мислам дека треба да чекаме, првин да видиме, а потоа ќе се радуваме. Сепак мислам дека имаме исклучително силен случај и многу е тешко да се каже „не“. Да се каже „не“ би ја нарушило довербата на регионот во Европа, кредибилитетот и нејзиното влијание“, истакна Никола Димитров. 

Неговиот колега од Косово, Глаук Коњуфца, случајот меѓу Македонија и Грција околу прашањето за името, го гледа како пример кој би можел да важи и за Косово и Србија, но сепак посочи пример за потешкотиите со кои се соочува косовската страна во креирање добри односи со Србија.

„Новата Влада на Косово сака да ја укине таксата, но во три чекори. Прво: да ја укине тарифата за сите материјали, втор чекор: да укинеме целосно и да чекаме 4 месеци за да видиме како ќе се однесува Србија. Но, лошата порака која Србија ја испрати беше само 24 часа откако премиерот Курти го претстави проектот за укинување на таксата. Србија славеше што Сиера Леоне го повлече признавањето на Косово. Ова не е добра порака за соработка и постигнување добри меѓусоседски односи. По три дена, Вучиќ рече дека Србија нема да запре со кампањата за повлекување на признавањето, па затоа ние треба уште еднаш да размислиме, бидејќи треба да постапуваме согласно однесувањето на Србија“, посочи Глаук Коњуфца.

И заменик-министерот за надворешни работи на Албанија, Генц Цакај, се пофали со достигнувањата на неговата земја, особено во областа на правдата и борбата против криминалот и корупцијата, поради што и Тирана очекува позитивна одлука во март за добивање датум заедно со Скопје. 

„Прво: кога станува збор за организираниот криминал јасно е дека има пад во 2019-тата, споредбено со 2018-тата. Донесовме посебен закон кој дозволува властите да имаат пристап до богатството на криминалните групи, како и на неколку судии кои не го поминаа процесот на ветинг. Кога станува збор за перење пари, донесовме закон за стопирање на оваа појава. Трето: одгледувањето канабис веќе не е актуелно прашање во Албанија“, вели Гент Цакај.

Европската унија не би била комплетна без Западен Балкан, потврди директорката на Канцеларијата за надворешни работи на Германија за Југоисточна Европа и Турција, која се надева дека новата Методологија и напредокот на Скопје и Тирана ќе ги убеди скептиците да дадат зелено светло овој месец.  

„Владеењето на правото не е морков, туку нешто што државата го прави сама за себе и за граѓаните. Последното истражување покажува дека граѓаните од вашите земји кога заминуваат кон Западна Европа, не одат само затоа што Германија го отвори пазарот на трудот, туку и за плати, од страв дека во нивните земји корупцијата во правосудството, во здравството или во образованието им го отежнува гледањето перспективна иднина за себе и нивните семејства“, порача Сузана Шутц.

И додека соговорниците разменуваа мислења за иднината на земјите од Западен Балкан кон ЕУ, некој реши да ги слуша плетејќи.