Покрај ќесите со отпадоци, на ова место се фрлени и душеци и килими.
„Вака изгледа состојбата на улицата „Џон Кенеди“, токму спроти училиштето „Васил Главинов“. Како што можете да видите, граѓаните не само што не можат да поминат по тротоарот, туку ѓубрето излегло и на главната улица.“, вели репортерката на ТВ21.
Бидејќи не можат да поминат на овој дел од улицата, граѓаните и децата кои одат на училиште се изложени на ризик од автомобилите.
Побаравме одговор од Град Скопје кога ќе се исчисти ѓубрето, но не добивме одговор. Градоначалничка во заминување Данела Арсовска реагираше преку објава на Фејсбук, споделувајќи фотографија од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, кој важи за фаворит за градоначалник на Скопје, со следната порака:
„За ѓубрето во Скопје, тој треба да ја контактира претседателката на Управниот одбор на „Комунална хигиена“, Јулијана Спировска од ВМРО, која е криминалец осуден со правосилна пресуда за две кривични дела и веќе четири години управува со „Комунална хигиена Скопје“, порача Данела Арсовска.
Од Основното јавно обвинителство – Скопје информираа дека веќе ја започнале постапката и преземаат мерки за обезбедување докази за можно кривично дело. Тие истакнаа дека се испратени барања до комуналните инспекциски служби за спроведување на вонредна контрола и утврдување на фактичката состојба.
Во меѓувреме, Владата нареди вонредна и координирана контрола на територијата на Скопје поради кризата со отпадот. Оттаму соопштија дека државните инспекторати и Министерството за внатрешни работи ќе ја испитаат состојбата со отпадот и работата на ЈП „Комунална хигиена“, како и на градоначалничката на Скопје, поради несобирањето на ѓубрето што претставува ризик за јавното здравје.
