„Скривниците се теретани и складишта“ – Максути: Последно беа реновирани три скривници во 2015-тата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Колку е функционален системот за цивилна заштита беше тема во последното издание на „Клик плус“ на ТВ21. Говорејќи за состојбата со скривниците, поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути истакна дека последно се реновирани само три скривници во 2015-тата година и оттогаш па наваму воопшто не се инвестира.

„Нашата земја поседува доста скривници од претходниот систем, коишто за жал не се одржуваат поради многу причини. Како причина број еден е што не се издвојуваат средства истите да се реновираат. // Во дел од нив има приватни фирми, односно дел од нив веќе со години се внатре и не можете да ги тргнете, имаме побарано и асистенција од полицијата…“, вели Беким Максути

Максути ги потврди информациите голем дел од скривниците сега веќе се фитнес центри, складишта, па дури и погони за производство. Тој воедно негодува и што е отстранет условот секоја новоизградена зграда да има и скривница. Универзитетскиот професор Методи Хаџи Јанев оцени дека овој проблем е директен резултат на корупцијата.

„Имате несоодветен персонал, којшто се бавел со сектор безбедност, заштита на граѓани итн. и дозволил лукративни-бизнис индивидуи да наметнат свои потреби и барања и да чуваат пиперки и патлиџани во места коишто треба да бидат заштитени и коишто имаат одредени стандарди за нивна заштита“, вели Методи Хаџи Јанев.

Според Хаџи Јанев, не случајно Стејт департментот укажал дека корупцијата директно наштетува на националната безбедност во земјите од Западен Балкан. Од Вашингтон порачаа дека треба да се промовира одговорност и да засилено да се бори против неказнивоста.