По третпат ќе биде продолжен конкурсот на Државниот завод за статистика за попишувачи и реонски инструктори. Заменик-директорот, Иљми Селами вели дека недостигот на попишувачи може да претставува ризик за целиот процес, но уверува дека сѐ ќе биде подготвено за пребројувањето кое треба да стартува на 5-ти септември.
„Теоретски можеме да кажеме дека може го загрози, бидејќи не можете да спроведете попис без луѓе на терен. Пописот е практична работа која се спроведува на терен со одредени луѓе. Меѓутоа, сега за сега не можеме да зборуваме за одлагање на пописот поради ова, бидејќи зборуваме за недостиг на попишувачи, односно одреден број кој остана да се пополни“, истакна Иљми Селами.
Заводот за статистика бара 5.555 попишувачи, а досега се пријавиле околу 4.300. Селами вели дека и со веќе пријавените кандидати, пописот на терен може да се спроведе, но согласно планот потребни се уште 600-700, со цел процесот да биде завршен поефикасно. Попишувачите ќе работат 25 дена, а платата е доста добра, додава Селами.
„Надоместокот е солиден, спомнав еднаш и ќе повторам станува збор за над 500 евра и толку колку што ќе работат. Можат да стигнат и до 600 евра. Значи, зависно од нивната работа која ќе ја завршат на терен, толкав надоместок ќе земат. Обично студентите имаат потреба од финансии и еве ова е добра прилика. За ние ова е лесна работа“, истакна Иљми Селами.
Селами детално ја објасни и работата на попишувачите на терен:
„Попишувачите ќе бидат обучени од Државниот завод за статистика. Попишувачот ќе земе лаптоп, ќе влезе во домот на оние кои треба да ги попише, ќе им ги земе податоците кои веќе ги има во лаптопот, ги пополнува со одговорот кој ќе го добие и тука завршува сѐ“, додава Иљми Селами.
Од ДЗС велат дека летните одмори, период во кој е објавен конкурсот, но и пандемијата, придонеле да има помал број на пријавени кандидати. Селами вели дека недоволен интерес е забележан кај сите етнички заедници во земјава. Пописот на населението, домаќинствата и становите ќе се спроведува од 5-ти до 30-ти септември.
