Слаба помош во стопанството – Македонија малку одделува од буџетот за економски мерки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не може Македонија да се споредува со другите држави поради тоа што ние сме мала и слабо економски развиени, вели економскиот аналитичар Висар Адеми по објавувањето на анализата на Вишеградската група дека нашата земја е меѓу последните од регионов во однос на издвојување средства од буџетот за помош на економијата. По релокацијата на средствата од националниот буџет Македонија има само 105 милиони евра. Повеќе пари во борбата против оваа криза одвои Србија и тоа 11 проценти, Бугарија 3,5 отсто и Грција 4,5 проценти. Во европски рамки најмногу помош во стопанството има Германија со 30,6 проценти.

„Сепак ние сме сиромашна држава и другите држави во регионот имаат подинамичен приватен сектор од нас и тоа треба да го признаеме. Македонија оди во спротивен правец. Македонија повеќе се фокусира на помош на социјално загрозените луѓе, на вработените, а се помалку и помалку на компаниите“, истакна Висар Адеми.

Министерката за финансии Нина Ангеловска деновиве рече дека се прави се што е можно за помош на стопанството и дека најголемиот удар на кризата се очекува во вториот квартал од годинава односно април, мај и јуни.

„Треба да сме реални тоа нема да биде лесно ова е предизвик со кој што се соочува светот ќе зависи од секој еден од нас, ќе зависи од тоа колку сега ќе ги одржиме и ги помогнеме компаниите да го премостат овој период, ќе зависи колку компаниите ќе се адаптираат и ќе ги реформираат или трансформираат своите процеси и согласно тоа се градат и мерките кои што се преземаат за да се поддржи ликвидноста“, додава Нина Ангеловска.

Адеми вели дека првата мерка што се планираше да се намалат платите на администрацијата беше во ред бидејќи на овој начин, страда само стопанството а администрацијата е повластена. Треба сериозни долгорочни мерки истакнува тој, бидејќи во спротивно и натаму ќе очекуваме некој да ни даде помош или пак да продолжиме со задолжувања за кои ќе биде многу тешко натаму да се враќа.

„Ние сме помала држава и помалку поскапи ресурси имаме. Ние продадовме се што имавме во Македонија. Албанија има премногу ресурси, има хром, има море, има туризам и така натаму. Србија има повеќе јавни компании кои што чекаат на инвеститори за да се продадат и тие пари ќе се слеат во државна каса. Во Македонија секое ново задолжување ќе биде премногу голем терет за идната генерација“, вели Висар Адеми.

Министерката за финансии Нина Ангеловска информираше дека за најавеното задолжување преку странски комерцијални банки е решено да се оди директно преку еврообврзницата, но на која сума, се уште не се знае. Таа неодамна информираше за три сценарија, според кои на Македонија ќе и треба вкупна финансиска поддршка најмногу до 1,2 милијарди евра.