Следната недела се очекува да се одржи најавената средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски но се уште не се знае денот и часот на средбата. Портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски истакна дека на лидерската средба ќе стане јасно дали Мицкоски е дел од европскиот блок или од антиевропскиот со Левица.
И од ВМРО-ДПМНЕ велат дека доколку се одржи средба меѓу Ковачевски и Мицкоски, тогаш ќе стане јасно дали Ковачевски е полтрон на ДУИ или не.
„На лидерската доколку СДС престане со детските игри и воопшто ја има, ќе стане појасно дали Ковачевски е полтрон на ДУИ или не.
Ако СДС мисли дека некој во земјава верува дека Артан и Талат се европјани и за европски вредности, тогаш или го потценуваат народот или толку се корумпирани што не смеат да писнат од ДУИ.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски вчера истакна уште еднаш дека ПГ на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи уставните измени и дека процесот ќе пропадне. Мицкоски сугерираше дека на лидерскатра средба треба да се дискутира и за периодот по пропаѓањето на уставните измени кога според Мицкоски премиерот Ковачевски треба да си даде оставка.