Словенија „лови“ македонски работници: За 34 месеци, 11.400 македонски граѓани вработени во Словенија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Словенечкиот завод за вработување трет пат низ државава лови работници од Македонија за потребите на фирми во Словенија. Се бараат доктори, негуватели, медицински сестри и браќа, возачи, градежни работници, водоинсталатери. Едноставно, Словенија годишно има потреба од 150.000 нови работници. За две години и 10 месеци, во оваа држава легално се вработиле 11.400 граѓани од Македонија. И денеска, дел од нашите сограѓани се информираа што услови нудат словенечките работодавачи. Нудат многу, но за дел од нашинците, парите не се најважни зошто сакаат да ја напуштат државава.

„Едноставно во државава сфаќај ги духовито работите, смеј се на работите што ги гледаш и што те нервираат. Али полека, полека, како што старееш сфаќаш дека почнува да ти се гади општеството“, изјави пензиониран полицаец и бизнисмен.

„Пари може и тука да се заработат, ама општата ситуација во Македонија дека повеќе владее политиката од школото и сето останато, поради тоа“, изјави возач на тешки товарни возила.

„Може да се каже и за двете. Нели, знаеме како се платени тука лекарите, и општо за условите“, изјави доктор.

Младите доктори велат и дека платите во Словенија се подобри, но и можноста за специјализација.

„Платите се подобри, условите се подобри. Конкретно за нас, како за специјализација кај нас е многу потежок процесот за добивање специјализација, а таму е многу полесен“, изјави доктор.

Од словенечките фирми кои денеска се претставуваа во Скопје пред македонските работници, велат дека даваат добри услови за работа и за живот. Од Заводот за вработување пак велат дека целта им е да ги информираат заинтересираните.

„И нашата цел на ваквите настани е информирање на работниците за живот и за работа во Словенија. Нашите работодавачи се свесни дека доаѓаат луѓе, а не дека доаѓаат само некои работни машини“, изјави Анка Роде, завод за вработување на Словенија,

Но, првиот човек на Независниот синдикат на работници на Словенија, Борис Перш предупредува дека пред да се отиде во Словенија, добро да се направи математиката дали економски им се исплати овој чекор. Направи едноставна математика дека платата е од 1.200 до 1.400 евра, кирија е околу 800 евра, па ако се додаде храна, облека и се останато што е потребно за живот, прашање е колку останува. Едноставно, не се кому му е мед и млеко.

„Кога ќе дојде со жената веќе е друга работа бидејќи една плата им останува за живот. Веќе е полесно“, изјави Борис Перш, претседател на Независниот синдикат на работници на Словенија.

Македонските работодавачи пак од друга страна велат дека тие не можат да се натпреваруваат со тоа што го нуди економски далеку посилната Словенија и додаваат дека годишно во Македонија недостасуваат над 10.000 работници во стопанството.

„Да ги либерализираме постапките за вработување на странци, некој ќе каже дека тоа не е решение затоа што тие одовдека ќе заминат понатаму. Можеби не е единствено решение, но треба да се проба затоа што и на Македонија исто така и старее населението, има низок наталитет“, изјави Ангел Димитров, организација на работодавачи.

Минатата недела, првиот човек на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов рече дека во минативе седум години се иселиле 12.500 градежни работници, а како причина наведе мизерните плати и лошиот однос на газдите.