Со читање на сведоштва на две девојки денеска продолжи судскиот процес за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во исказите што беа презентирани пред судот, сведоците опишаа сериозни пропусти во работењето на локалот, меѓу кои непочитување на безбедносните стандарди, непријавени работници и недостиг на противпожарна обука.
Една од преживеаните, Ана Томева, како сведок на обвинителството изјавила дека дискотеката функционирала без соодветна контрола на документацијата и без јасно обележани противпожарни излези.
Во нејзиниот исказ било наведено и дека сопственикот Дејан Јованов – Деко, според неа, уживал заштита од лица во полицијата и инспекциските служби.
„Јавна тајна е дека Дејан Јованов Деко има заштита од луѓе во полиција и инспекциите“, било прочитано во судницата.
Томева сведочела дека работела и во кафулето „Класик“ и во дискотеката без да биде официјално пријавена, а платата ја добивала во готово. Според неа, наместо фискални сметки се користела нелегална документација, која интерно ја нарекувале „црни пари“.
Таа посочила дека вработените немале никаква обука за противпожарна заштита и евакуација, ниту знаеле каде се наоѓаат противпожарните апарати.
Во сведочењето било наведено и дека при најавени инспекциски контроли, дел од вработените и присутните се претставувале како гости, со цел да се прикрие реалната состојба во локалот.
Своj исказ дала и Лина Крстева, која често била гостин во дискотеката. Таа изјавила дека за време на пожарот немало лица кои ги насочувале или им помагале на присутните да се евакуираат.
„Видов еден полицаец кој само стоеше и не ни помагаше“, сведочела Крстева.
По читањето на исказите, во судницата биле презентирани и материјални докази, меѓу кои и видеоснимки од пожарот со вознемирувачка содржина.
Крстева навела дека кобната вечер за време на настапот на групата ДНК биле користени пиротехнички средства во дискотеката.
„Пожарот го забележав откако друг присутен викна дека ‘се запалило’, по што настана паника и турканица кон единствениот излез што го знаев“, стоело во нејзиниот исказ.
Таа опишала дека кај скалите и главниот излез настанал огромен метеж, по што била извлечена од други присутни и пренесена во болница поради вдишан чад и здобиени повреди.
