Случај „Пулс“, сведочеше екс општинскиот секретар: „Од 2017 до 2021 постоеле инспекциски служби, но немало раководител“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со сведочење на поранешниот секретар на Општина Кочани, Александар Јосифов, продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“. Тој изјави дека од 2017 до 2021 година постоеле повеќе инспекциски служби, но немало нивен раководител. Јосифов посочи дека општината немала директна контрола врз инспекциите, туку обезбедувала само логистичка поддршка, како користење возила.

Додаде дека до 2019 година инспекциите доставувале извештаи до Советот, по што тоа престанало поради законски измени. Тој нагласи и дека општината немала инспектор за противпожарна заштита, бидејќи тоа не било во нејзина надлежност.

Сведочеше и Ана Захариева, која во кобната ноќ на 16 март се здобила со тешки изгореници, пред судот детално го опиша хаосот и моментите кога објектот станал огнена стапица.

Според нејзиното сведочење, и покрај тоа што непосредно пред пожарот имало полициска рација за малолетници, забавата воопшто не била прекината. Захариева посочи дека во објектот имало многу гости, меѓу кои и малолетни лица, кои биле редовни посетители исто како и во годините кога објектот функционирал како дискотека.

„Секунди беа во прашање. Додека стигнав до вратата, веќе целиот плафон гореше. Немаше никој да нè насочува каде да бегаме. Заглавив во стампедото, бев онесвестена под неколку луѓе пред да ме извлечат“, изјави Захариева, која поминала 42 дена во болница по инцидентот.

На вкрстените прашања од одбраната за разликата меѓу претходната дискотека и новото кабаре, таа појасни дека визуелно просторот бил ист, а единствената разлика била во работното време. Сведокот потврди и дека користењето пиротехнички средства (прскалки) било вообичаена пракса при секој настан во објектот.

Паралелно со сведочењето, одбраната на првообвинетиот сопственик Дејан Јованов-Деко побара тој веднаш да биде пуштен во куќен притвор. Адвокатката Ивана Коцевска алармираше дека здравствената состојба на Деко е критична по неодамнешната операција, нарекувајќи го притворот „казна пред судење“. Судијката Дијана Груевска-Илиевска изјави дека судот ги следи препораките на лекарите, додека Обвинителството дополнително ќе се изјасни по ова барање.

Судскиот процес продолжи со сослушување на останатите сведоци предложени од тимот обвинители. Пожарот во „Пулс“, кој се случи за време на настап на групата ДНК, останува една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија.