Одбраната на обезбедувањето на клубот „Пулс“ истакна дека обвинението е неосновано, без конкретни докази и изградено врз хаотични претпоставки. Адвокатите на дел од обвинетите рекоа дека овластен градежен инспектор може да контролира само кога има пренамена од деловен во станбен простор и обратно.
„Објектот и до ден денеска стои не се урна, ниту попушти. Од овде се гледа дека оваа трагедија не била воопшто градежна. Градежниот инспектор не контролирал ентериерно односно внатрешно уредување. Не контролира дејност, не контролира пиротехника, ниту безбедносни мерки од пожар“, вели Николчо Гоцев.
Поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, кој е еден од обвинетите за пожарот во „Пулс“, бил единствениот кој ги алармирал државните органи пред 13 години дека не треба да се издава лиценца за работа на објектот.
„Во тоа барање е напишано се за што сум бил должен да го знам. Каква намена е тој дел од ДУП и дека нема услови за паркинг места. И на крај изричито барање да не се издава одобрение или лиценца за дискотека или ноќен клуб бидејќи не е во надлежност на општината, затоа се кажува дали е дискотека или ноќен клуб или што ќе биде како ќе биде“, вели Ратко Димитровски.
Дел од родителите повторно беа во судница, а пред почетокот на судењето поставија и транспарент со лицата на загинатите во трагедијата „Пулс.
„Тие се однесуваат како тие да се оштетени, како да не знаат за што се обвинети, како прв пат да слушаат дека дискотеката пулс постоела, а и постоела и работела цели 13 години иако правото на одбрана е неприкосновено во секоја правна држава. Еднакво е важно јавниот дискурс да биде чувствителен на жртвите кон заедницата која минува низ долготрајна траума, гласот на родителите, семејствата и сите засегнати мора да биде во центарот на вниманието“, вели Александар Наунов.
На денешното рочиште имаше и барање од одбраната кое судијата го дозволи, па со едноминутен молк беше оддаден помен на загинатите во трагедијата.
Досега воведни зборови дадоа 17 лица, а на 10-ти декември се продолжува со Шабан Салиу па останатите 18 физички лица.
