Сметки повисоки за над 200% во Куманово, граѓаните и институциите престанаа да користат гас

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Граѓаните и институциите во Куманово кои користат гас, од овој месец ќе плаќаат сметки повисоки за над 200%. Наместо 25 денари за метар кубен колку што беше минатата година, сега над 400 корисници ќе плаќаат 80 денари за потрошен метар кубен.


Зголемувањето на цената доаѓа како резултат на енергетската криза на глобално ниво, изјави директорот на Претпријатието „Куманово гас“, Марко Митровски. Поскапувањето удри врз џебот на потрошувачите, па затоа повеќето од нив престанаа да користат гас.

Директорката на градинката „Ангел Шајче“, Марина Алексовска за ТВ21 изјави дека навреме ги презеле потребните мерки со цел децата да не останат без греење.

-Од осум објекти сега има два со гас додека шест се со лесни горива и струја. Поради високата цена и финансиската состојба одлучивме да не користиме гас овој месец. Ако има доволно гас, од идниот месец ќе почнеме повторно, вели Марина Алексовска, директорка на градинката „Ангел Шајче“

Освен поскапувањето, друг проблем е и недостигот на гас. Директорот на ЈП „Куманово гас“ открива дека во моментов компанијата има обезбедено доволно гас за еден месец и дека се во преговори за снабдувањето на уште поголема количина.

Инаку, кризата со гас ја погоди цела Европа, па така и во нашата земја се очекува до крајот на сезоната цените да останат високи.