Луксузниот крузер „MV Hondius“, кој плови во Атлантскиот Океан во близина на Зеленортските Острови, се соочува со сериозна здравствена криза откако на бродот беа потврдени случаи на хантавирус – ретка, но потенцијално смртоносна болест.
На бродот, кој пред околу еден месец испловил од Аргентина, се наоѓаат околу 150 патници од 23 држави. Според последните информации, потврдени се два случаи на хантавирус, додека уште пет се сомнителни. Три лица веќе починале, а повеќе патници пријавуваат симптоми или се во лоша здравствена состојба.
Американскиот патувачки влогер Џејк Росмарин, кој се наоѓа на бродот, преку социјалните мрежи ја сподели драматичната ситуација.
„Ние не сме само приказна. Не сме само наслови – ние сме луѓе со семејства, со животи, со луѓе кои нè чекаат дома“, изјави тој низ солзи.
Бродот во моментов е закотвен во близина на Зеленортските Острови, откако локалните власти одбија да му дозволат пристанување поради ризикот од ширење на вирусот. Екипажот сега очајнички бара алтернативно пристаниште каде патниците ќе можат безбедно да се евакуираат.
Од Светската здравствена организација предупредуваат дека постои можност вирусот да се проширил меѓу патниците, додека здравствените служби работат на тестирање на примероци за да се утврди точниот обем на заразата.
„Има многу неизвесност, а тоа е најтешкиот дел. Сè што сакаме е да се чувствуваме безбедно, да добиеме јасни информации и да се вратиме дома“, додаде Росмарин во објава на ТикТок.
Ситуацијата на бродот останува неизвесна, додека патниците и екипажот чекаат дозвола за пристанување и понатамошни инструкции од надлежните здравствени институции.
