Со Бугарите во Устав, се укинуваат и 20% за Албанците – Алтернатива и Беса ја поздравуваат идејата, ДУИ молчи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Алтернатива и Движење Беса се подготвени во рамки на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, да го поддржат и предлогот за укинување на 20% како дефиниција за Албанците и албанскиот јазик.

Од Алтернатива исто така очекуваат поддршка за нивните предлог амандмани за борба против корупцијата.

„Ние одамна кажавме дека сме спремни да поддржиме укинувањето на 20% и за тоа немаме потреба од работни групи. Сепак, министерот Лога изгледа треба да ги увери своите партнери пред да зборува за работни групи со опозицијата. Досега тој ја нема поддршката на СДСМ и ДУИ и мислиме дека дури и својата позиција ќе ја разниша“, вели Алтернатива.

И од Движење Беса велат дека остануваат цврсто на ставовите, со отворањето на Уставот да се коригираат терминолошките деформитети кои се однесуваат на дефинирањето на албанскиот јазик. Пратеникот Фадиљ Зендели на Фејсбук напиша дека упатил апел до министерот Лога да остане доследен на својата изјава , со иницијативата за уставните измени во Собрание, дека треба да се отстрани формулацијата 20% за употребата на албанскиот јазик.

„Сега имаш прилика преку Владата како надлежен предлагач на уставните измени, во Собрание да имаме предлог за измена на Амандманот V на Уставот на РСМ. Движење Беса останува на истиот став искажан претходно дека ќе ги поддржи уставните измени само доколку се поддржува иницијативата за измените на амандманот V на Уставот каде формулацијата 20% се укинува и ќе се назначи како Албански јазик“, вели Фадил Зендели.

Иако ТВ21 инсистираше на конкретен одговор од министерот Кренар Лога , дали опстанува на ставот за некои одредени уставни измени вклучително и предлогот за укинување на 20%. Од неговиот кабинет кратко одговорија дека министерот Лога останува на ставот кој го соопшти пред неколку дена, а конкретните предлози за уставните измени ќе се официјализираат кога ќе започне со работа работна група.

Иако од кабинетот на министерот не ги прецизираат предлозите за уставните измени,од  партијата од каде доаѓа Лога, АА, велат дека тие ќе предложат такво нешто.

„Алијанса за Албанците на работната група ќе предлага укинување на 20% и правично назначување на албанскиот јазик. Уверени сме дека овој предлог едногласно ќе помине, бидејќи сите албански партии ветија, а во последната лидерска средба, и г. Ковачевски и г. Мицкоски, не се спротивставија на нашиот предлог. Напротив, во неколку јавни настапи и интервјуа, двајцата лидери дури го истакнаа нивниот став ЗА укинување на 20%“, порача Алијанса за Албанците.

ТВ21 побара став од ДУИ дали ја поддржуваат оваа партија во идејата, заедно со уставните измени да се укине и 20% како дефиниција за албанскиот јазик, но од партијата молчат.