Со еврокодови до побезбедни градби – Јосифовски: Тоа не значи по автоматизам и зголемување на цената на становите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Македонија се гради по паралелни стандарди, старите од 80-90-тите години и еврокодовите, но за побезбедни и посигурни градби треба итно еврокодовите да се воведат како единствен стандард. Бизнисот и стручната фела денеска на заедничка маса со институциите со цел да се забрза процесот на нивно воведување кој е закочен 10 години. Покрај посигурна и побезбедна градба, нивната имплементација би значела и реконструкција на старите градби изградени пред земјотресот, кои според експертите не се многу. Според нив тоа  не значи и зголемување на цената на становите по автоматизам.

„Постои едно мислење во пошироката општата јавност дека со воведувањето на еврокодовите се воведуваат поголеми стандарди што можно е да ја поскапат градбата зголемат цената на градбата, меѓутоа ви кажувам пак не нужно, а целта секогаш треба да ни биде квалитетот и безбедноста. Сите објекти кои што нема да ги исполнуваат тие стандарди би требало да се реконструираат, меѓутоа сметаме дека нема да има преголем број на такви објекти. Збориме за оние најстари, можеби пред скопскиот земјотрес да има потреба за такви реконструкции. За сите останати сметаме дека нема да има потреба“, вели Јосиф Јосифовски.

Процесот носи и потешкотии, но фелата смета дека е неопходно воведувањето на овие еврокодови со цел да се фати чекор со процесите што се одвиваат во Европа.

„Знаеме дека не е лесен процесот, знаеме дека процесот има многу тешкотии кои треба да се преминат, но еве денес тука мислиме дека со наша помош, со наша поддршка сите обединети, дека ќе успееме да укажеме на тоа дека тука сме сите наши активности да ги преземеме, се со цел инженерите да ги совладаат побрзо еврокодовите, а државата да ги воведете како национални стандарди, се со цел да фатиме чекор кон процесите што се одвиваат во Европа“, вели Андреа Серафимовски.

Стручната фела е децидна дека со еврокодовите се зголемува безбедноста во сите фази од проктирање до градење. Велат тие би значеле апсолутно побезбедени и посигурни градби за граѓаните, подобар квалитет и би се намалиле сите оние проблеми коишто ги согледуваат секојдневно.