Собирање на даноци – да не се чепка во ДДВ, оти ќарот ќе биде за неплаќачите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

70.000 работници во државава или 13 отсто од легално вработените на 16 декември не ја земале ноемвриската плата, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи. Скоро 21 илјади од 71 илјади фирми или 29 отсто, не уплатиле бруто плата во УЈП. Сепак, овие бројки се добри за Управата.

„Овој резултат покажува одговорност и посветеност на работодавачите со цел исполнување на даночните обврски на време, што има директен позитивен ефект и врз социјалната сигурност на работниците.“, велат од УЈП.

И даночниот експерт Павле Гацов смета дека проекциите што ги има УЈП за тоа колку даноци и придонеси ќе собере државава во 2024 година ќе се реализираат.

„Крајот на годината дури јас би рекол дека е најиздашен период во годината. Она што сега ќе го собере Управата, на 25, веќе на 15 плативме аконтација за данокот на добивка и вториот дел ќе го платиме на 15 јануари, односно на 25 јануари за целото тромесечие од 2024, мислам дека ќе биде најиздашното парче од прибирањето за 2024 година, така да во таков контекст очекувам и да се затворат сите планирани буџетски приходи“, изјави Гацов.

Гацов смета дека доброто собирање на даноците се должи на инфлацијата која е керозин, гориво на повисоката реализација. Тој вели и дека дека во моментов ,за да се зголемат даночните приходи на државава, не треба да се послуша Светската банка која посочи да се разгледа можното зголемување на данокот на додадена вредност од 18 на 19 отсто или за 1 процентен поен. Според Гацов, во услови кога имаме огромна сива економија, која се проценува дека се движи од 22 до 39 отсто од Бруто домашниот производ, зголемувањето на данокот ќе значи тие што плаќаат дополнително повеќе да плаќаат, а тие што не плаќаат дополнително да се богатат на сметка на совесните компании.

„Не плаќаат даноци, работат во сивата економија, вратат големи пари, не издаваат фискални сметки, никаде ги нема. Еве да не спомнувам многумина, знаете некој, јас во шега велам легендата вели имало некоја жена што лакирала нокти и била на фризер и издавала фискална сметка во Македонија. Јас верувам дека никој не издава фискална сметка. Ќе се задоволиме со таа пракса? Купувањето преку сајтови, некој добил фискална сметка и за кешовината, наплата соодветно дека преку апарат е извршена наплатата? Не.“, рече Гацов.

Се проценува дека сивата економија во државава, изразена во пари за кои не се плаќаат никакви даноци и придонеси изнесува од 3,5 до шест милијарди евра. Овие пари остануваат директно кај неплаќачите, а според Гацов, тие рамноправно дури и повеќе ги користат јавните услуги како здравство, образование, инфраструктура од редовните плаќачи.