Собранието ги чека уставните измени – Џафери: Процесот може да го почнеме и без политички консензус

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Џафери ја чека одлуката на Владата со која ќе ги достави во законодавниот дом иницијативата за уставни измени. Со оглед на ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека тие нема да гласаат за уставните измените, Џафери на брифингот со новинарите рече дека според него и покрај тоа што нема целосен политички консензус за ова прашање, сепак не е пречка да се почне процесот на уставните измени а воедно да се работи на обезбедување на мнозинството. Целиот процес рече дека може да трае од 4 и пол до 6 месеци.

„Не постои процедурална пречка Владата да ја достави иницијативата за промена на Уставот а паралелно да течат и политичките разговори бидејќи според Уставот од поднесувањето на оваа иницијатива до првото свикување на Комисијата за уставни прашања треба да поминат 30 дена. Немањето целосен политички консензус не е пречка за почеток на процесот на уставните измени. Консензусот е неминовен во оваа процедура бидејќи за нивно гласање се потребни две третини од гласовите на пратениците односно 80 гласови. Без тоа нема да помине.“, изјави Џафери.

Тој ја отфрли можноста за доставување нови амандмани откако ќе стигнат нацрт амандманите од Владата, како што е барањето за бришење на формулацијата 20 проценти.

„Ниту било кој пратеник па ниту Владата како иницијатор на уставните измени нема да може да доставува нови амандмани кога ќе почне постапката. Исто така нема никаква можност и за покренување на уште една паралелна или пак дополнителна иницијатива за уставни измени бидејќи си постои пропишан рок колку време треба да помине од последните измени до повторно отворање на Уставот.“, вели Џафери.

Џафери со оценка дека уставните промени ни се потребни за продолжување на патот кон членство во Европската унија и дека секое одложување ќе донесе само полошо решение од ова што го имаме сега. Мораме да ја преземеме политичката одлука и цена за нашите идни генерации, порача Џафери.

Предлог иницијативата за уставните измени е во Министерството за правда кое треба да ја достави на седница на Влада и со одлука да се достават до Собранието. Промените се во делот на Преамбулата и во делот на дијаспората со тоа што после бошњачкиот народ се додаваат уште неколку народи и тоа бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.

Уставните измени треба да се донесат до крајот на ноември годинава кога завршува и скринингот на Европската комисија и со одржувањето на втората Меѓувладина конференција почнуваат преговорите по поглавјата.