Собранието го донесе Предлог-законот за Советот на јавните обвинители

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со 64 гласови ,,За”, 15 ,,против” и ниту еден ,,воздржан”, Собранието го донесе Предлог-законот за Советот на јавните обвинители на РСМ кој е дел од Реформската агенда.

Со предложеното законско решение се воведуваат суштински новини насочени кон зајакнување на независноста, професионалноста и транспарентноста во работењето на Советот и на јавното обвинителство во целина.

Се реформира постапката за избор на членови на Советот на јавните обвинители. Се воведуваат јасни и транспарентни критериуми. Се гарантира нивната стручност, искуство и интегритет, по пример на критериумите предвидени во новиот Закон за Судскиот совет. На тој начин, се гарантира избор на најквалитетните кандидати.

Се воведува обврска за целосно и аргументирано образложение на одлуките за избор, унапредување и дисциплинска одговорност на обвинителите.

Се воведува доследна примена на системот на заслуги – односно мерит-системот, при избор, унапредување и разрешување на јавните обвинители.

Се зајакнува транспарентноста на Советот преку:

обврска за објавување на одлуки и извештаи,

јавно одржување на седници,

директни преноси и информирање на јавноста.

Со законското решение се воведува јасна двостепеност во дисциплинските постапки. Советот одлучува како второстепен орган, а против неговите одлуки е дозволена судска заштита. Со ова се обезбедува целосна заштита на правата на јавните обвинители, што е директен одговор на препораките на Европската комисија.

Освен тоа, детално се уредува постапката за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот, со прецизирани рокови и критериуми.

Се зајакнува и улогата на Советот во постапката за избор и разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија. Советот на јавните обвинители може да поднесе иницијатива за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија до Собранието.

Законот е дел од поширокиот реформски процес и е усогласен со европските стандарди и препораки, што претставува значаен чекор напред во процесот на европска интеграција.