Собранието го усвои Законот за регулирање на употребата на електричните тротинети, со кој се воведуваат построги правила за нивното учество во сообраќајот. Според новиот закон, електрични тротинети ќе можат да управуваат само лица постари од 18 години.
Исто така, се предвидуваат ограничувања за движењето на максимални 20 километри на час и јасно утврдени правила за начинот на нивната употреба, со цел да се намали бројот на сообраќајни незгоди. Законот предвидува и построги казнени мерки за прекршоците, меѓу кои пречекорување на дозволената брзина, управување под дејство на алкохол, како и превезување друго лице на тротинет.
За потешките прекршоци, покрај паричните казни, е предвидено и привремено одземање на електричниот тротинет во траење до 30 дена.
Надлежните посочуваат дека целта на измените е зголемување на безбедноста во сообраќајот, бидејќи статистиките покажуваат пораст на бројот на сообраќајни незгоди во кои учествуваат електрични тротинети и слични превозни средства, вклучително и случаи со тешки повреди и смртни последици.
