Собранието денеска ја заврши расправата по пет точки од 43-тата седница, меѓу кои четири предлог-закони од сферата на животната средина, сите во прво читање, како и предлог-законот за утврдување на максималните цени за болничко лекување и за тестирање на пациенти со Ковид-19 во приватните здравствени установи, предложен од пратениците од Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов. Гласањето по предлог-законите ќе биде дополнително закажано.
Пред пратениците се најдоа предлог-законите за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад, како и за управување со пакување и отпад од пакување.
Предлог-законите ги образложи заменик-министерката Христина Оџаклиеска, која рече дека предлог-законите се во согласност со европската регулатива и тие претставуваат една целина за постапување со отпадот во државата, дека со нив се зајакнува одговорноста на производителот, потоа се спречува создавање дополнително искористување на електричниот отпад и се проширува одговорноста на производителот за управување со посебните текови на отпад.
-Целта е да се придонесе за одржливо производство и потрошувачка, како прв приоритет спречување на создавање на отпадна електрична и електронска опрема и дополнително спречување на нејзина повторна употреба, рециклирање и други видови на преработка на ваков вид отпад, во насока на намалување на вкупната количина на создаден отпад, со што ќе се придонесе во ефикасно користење на ресурсите и добивање на вредни и секундарни суровини, рече Оџаклиеска.
Законот предвидува соработка со единиците на локалната самоуправа финансиска одговорност и обврски за водење евиденција, со што претставува комплементарен дел на останатите закони во областа на управување со отпад.
– Управувањето со посебните текови на отпад во Европската унија се базира на јасни начела – „загадувачот плаќа“ и на одговорност на производителот, што се постигнува токму со новиот Закон за проширена одговорност на производителот за постапување со посебните текови на отпад. Со донесувањето и спроведувањето на овој закон ќе се придонесе подобрување на состојбата во животната средина, заштита на здравјето на луѓето, како и на искористување на економскиот потенцијал, кој го има отпадот, со што ќе се обезбеди заштеда на ресурсите и ќе се овозможи развој на економијата поврзан со собирање, транспорт, селектирање, рециклирање, како и третман и повеќекратно искористување на отпадот, појасни заменик-министерката за животна средина.
Опозицијата забележа дека Владата има целосно потфрлање кога станува збор за животната средина, што можат да го видат и самите граѓани, што е нотирано и во извештаите на Европската комисија, а законите имаат многу нелогичности.
По четирите точки од еколошката сфера, Собранието продолжи со расправа по Предлог на закон за утврдување на максималните цени за болничко лекување и за тестирање на пациенти со Ковид-19 во приватните здравствени установи, поднесен од пратениците Димитар Апасиев и Борислав Крмов.
Образложувајќи го предлог-законот, Апасиев рече дека проблемите се суштински и дека тие нудат законско решение е во согласност со Уставот.
– Слободата на пазарот и претприемништвото се ограничуваат во услови на здравствена криза. Суштинската разлика е тоа што овој закон што го предлагаме е во корист на сиромашните, а не на богатите, како што беше во законот на Филипче. Наместо здравјето да ни е приоритет, ние него го ставивме на крај кога спласна кризата, рече Апасиев.
