Невремето што во вторникот попладне го зафати кумановскиот регион оштети голем број покриви на згради и искорна дрвја покрај патиштата. Ден подоцна, надлежните служби се на терен и работат на расчистување, но сè уште има многу работа. Причинета е материјална штета, но нема повредени.
„18 часа по невремето тука во Куманово, на улицата „Благој Илиев“ пристигна екипа од само двајца пожарникари за да го расчисти патот, отстранувајќи ги лимовите и металната конструкција од покривот што паднала од зградата.“, рече новинарот на ТВ21, Аднан Ќаили.
„Целиот покрив падна. Ова е катастрофа. Не знам кој бил изведувачот, но тоа треба да се истражи бидејќи работата е многу лошо изведена. Колку што гледам, целиот покрив бил лошо направен и тоа да падне целосно е навистина катастрофално.“
„Ако има закон, треба да дојде комисија и да провери дали конструкцијата е правилно заварена или не, а одговорност да сноси оној што ја поставил. Надлежните треба да излезат на терен и да донесат одлука.“
За ваквите штети Општина Куманово отвори телефонска линија за пријавување, по што комисија ќе излезе на терен за проценка на штетите и можните обесштетувања. Од Општинскиот штаб за заштита и спасување информираат дека веднаш по невремето, во текот на ноќта и од утринските часови, на терен работат екипи на противпожарната служба, водоводот, јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, електродистрибуцијата и полицијата.
„Во моментов имаме информации дека се примени повеќе од 100 повици од граѓани. Околу 70 проценти од нив се однесуваат на барања за интервенција, а останатите се за пријавување на штети.“, вели Милија Сларидис-Јаневска.
„Имавме меѓу 15 и 20 интервенции. Најголемите штети беа на покриви со лимена конструкција кои паднаа, а ние ги исековме и ги отстранивме. Исто така, заедно со екипите на ЈП „Чистота и зеленило“ ги расчистувавме улиците.“, изјави Борис Станковски, командант на ТППЕ Куманово.
„Приоритет ни беше расчистување на блокираните улици за да се овозможи одвивање на сообраќајот, како и тротоарите по кои се движат пешаците. Ги отстранивме пречките за да овозможиме непречено движење на граѓаните и возилата во централното градско подрачје.“, вели Сашо Томиќ, директор на ЈП „Чистота и зеленило“.
Од Општинскиот штаб за заштита и спасување информираат дека, според временската прогноза, во овој регион се очекува ново невреме и во четврток и во петок попладне. До граѓаните упатија апел да се засолнат на безбедни места за време на невремето и за секоја итна состојба да ги контактираат надлежните општински служби.
