Собранието на Движење Беса го распушти раководството на партијата – важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја усвои одлуката за разрешување на Централното раководство на партијата, во рамки на процесот што е започнат за обединување на ВЛЕН во еден политички субјект, пренесува ТВ21.

Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот на партиските активности од субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.

Во таа насока, Собранието го овласти претседателот Билал Касами да ги продолжи разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка за обединување во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правичност и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и на сите Албанци.

На седницата на Собранието беше разгледана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата. Делегатите ја поддржаа констатацијата на претседателот Касами дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е направено досега.

Анализата на работата на функционерите ќе продолжи во наредните денови, а утврдените наоди ќе се рефлектираат во претстојната реконструкција на Владата.

Движењето Беса оценува дека функциите во Владата се средство за што подобра и поефикасна услуга кон граѓаните, особено кон Албанците, и сите идни одлуки ќе се темелат на овој принцип.