Пратениците на новиот состав на косовското Собрание, произлезен од вонредните парламентарни избори одржани на 6 октомври минатата година, денеска треба да гласаат за предлогот на лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) и мандатар за нов премиер на Косово Албин Курти за составот на новата влада на Косово.
Курти, како лидер на партијата победничка на октомвриските избори, го доби мандатот за состав на новата влада пред две недели, на 20 јануари, додека собраниското Претседателство ја закажа пленарната седница за гласање за составот на неговиот иден кабинет за 11 часот.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, викендов, по речиси четиримесечни преговори, ВВ потпиша договор за коалиција со второрангираната партија на изборите, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК).
Во текот на вчерашниот ден, согласно статутите на двете партии, договорот за коалиција беше усвоен на партиски референдум на ВВ и од Генералното собрание на ЛДК.
Курти и лидерот на ЛДК Иса Мустафа, вчера на заедничка прес-конференција објавија дека е договорено новата влада да има 15 министерства, двајца вицепремиери и 33 заменици министри. Шест од владините ресори ќе ги води ВВ, исто толку ЛДК, а, според косовската легислатива, двајца министри ќе им припаднат на политичките преставници на косовските Срби и еден на припадниците на другите малцински етнички заедници.
