Соработката на Министерството за финансии и Трезорот на Соединетите американски држави преку канцеларијата за Техничка поддршка (ОТА) е втора по големина во светот што ја дава американската администрација. Вашингтон соработува со нашето Министерство за финансии и другите институции кои се под него во пет клучни области. Тоа се администрација на приходи, финансирање на долг и инфраструктура, банкарство и финансиски услуги, буџетска отчетност како и борба против економски криминал. Но, оваа соработка која засилено и во оваа форма почна во 2022 година, до сега немаше светол пат.
„Почитувана министерке, програмата малку забави во последните неколку години, додека од двете страни на Атлантикот го проценувавме влијанието и вистинскиот потенцијал на ова партнерство. Сакам лично да ви се заблагодарам, почитувана министерке, за вашата непоколеблива посветеност и поддршка за целосно продолжување на програмата. “, порача Анџела П.Агелер.
Министерката за финансии која беше домаќин на настанот и на кој присуствуваа ем политичари, ем видни личности од областа на економијата и бизнисот, вели дека речиси и да нема ниту една институција која што е под Mинистерството за финансии, како што се Царина, УЈП и различни сектори, а да не се вклучени во соработката со Техничката канцеларија на Трезорот на САД.
„Последниот период соработката продолжува преку подготовка на подзаконски акти од Законот за буџети, нов формат на Буџетот, развивање мерливи индикатори за перформанси и натамошно консолидирање на главната книга како стратешка реформа за транспарентни јавни финанси. Управата за јавни приходи соработува со ОТА, заедно со тим од седум високоискусни советници во области поврзани се управување со проекти, управување со даночен долг, даночни контроли, а со тоа и избор на ризични даночни обврзници…“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.
Беше констатирано и дека партнерството на двете земји во областа на јавните финанси не е само административна соработка, туку долгорочна инвестиција во стандардите, институционалниот интегритет и транспарентноста. Инаку, овие програми треба директно да придонесат за поефекасни институции, подобро управување со ресурсите, намалување на ризиците и поголема заштита на граѓаните.
