Состанокот на министрите за европски прашања на земјите-членки, кој требаше да се одржи денес и утре на Кипар, е одложен поради нападот со беспилотни летала врз британската база Акротири на тој остров, соопшти кипарското претседателство.
„Во раните утрински часови имавме еден, изолиран инцидент со дрон кој ја таргетираше британската база во Акротири, Кипар, со ограничена штета. Точното потекло на дронот моментално се проверува, но е потврдено дека Република Кипар не била цел на нападот“, објави портпаролката на кипарското претседателство.
Со оглед на овој неочекуван развој на настаните, кој за жал влијаеше на денешните летови до Кипар, кипарското претседателство одлучи да го одложи неформалниот состанок на Советот за општи работи за подоцнежен датум.
Советот за општи работи, кој го сочинуваат министрите за европски прашања на земјите-членки, требаше да разговара за предлогот за повеќегодишен буџет за периодот 2028-2034 година, борбата против манипулацијата со информации и мешањето од трети земји и проширувањето на ЕУ.
На состанокот беа поканети и министри од земјите кандидати.
