Состојбата во Тетово со ковид-19 е алармантна, Филипче бара да се забранат свадби и масовни собири

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Непочитувањето на мерките на семејните прослави, особено неносењето маски на затворено, е главната причина поради која Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести предлагаат нови рестриктивни мерки за тетовскиот регион. Покрај непочитувањето на мерките, според првиот човек на здравство, Венко Филипче, во овој регион вкупниот опфат со вакцинација е под 20%.

-Забрана за одржување на сите масовни настани на затворено, свадби, прослави.
-Исполнетост на затворениот дел од угостителските објекти не смее да надминува 30%, а на масите не смеат да седат повеќе од 4 лица.
-Засилени контроли за спроведување на овие мерки, но и мерките за лична заштита и тоа пред се носење маски на затворено.
-Засилување на теренската вакцинација и комуникацијата на локално ниво со цел зголемување на опфатот, бидејќи е јасно дека само со вакцинација може да спречиме и ширење, и ризици од тешко заболување кај пациентите.

Само во изминативе 24 часа во Тетово се хоспитализирани 4 пациенти.

-Со 379 активни случаи и 43 хоспитализирани кои примаат анти-ковид терапија, Тетово според Министерството за здравство е жариште за ширење на вирусот. Само во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 95 нови случаи-јавува репортерот на ТВ21.

Но, граѓани што ги анкетиравме со поделени мислења околу новонастанатата состојба. Некои велат дека не треба да има ограничувања, но некои пак се на став дека треба да се воведат рестриктивни мерки, поради непочитување на постоечките.

-Нормално, треба да се затвори бидејќи станува збор за лоша болест.

-Не треба, немам слушнато дека има зголемен број во Тетово за да се преземат мерки и воведат забрани. Нема потреба. Што ќе прави народот? Каде ќе оди? Поради 95 случаи на ден Тетово не треба да се затвори.

И покрај тоа, деновиве бројот на граѓаните кои пројавиле интерес да примат некоја од анти-ковид вакцините бележи пораст, каде на дневна основа има по околу 1.300 вакцинирани граѓани.