Судскиот совет и Советот на јавни обвинители немаат доставено предлози за реформи, откако премиерот Христијан Мицкоски јавно ги повика да дадат алтернативно решение за неговото предизборно ветување за целосно распуштање на советите. Мицкоски на ваков чекор се одлучи по критиките од фелата, но и дел од амбасадорите, дека неговата идеја предизвикува мешање на извршната во судската власт.
„Не дадоа никаков друг предлог до сега. Се разбира, отворени сме за дијалог. Потребни се реформи во овие тела, мора ја подобриме состојбата, не можеме да оставиме работите да бидат како до сега. Така што, се надевам дека во следниот период ќе излезат надвор од она што значи само одбивање и ќе дадат можеби конкретни предлози, за што ќе се дискутира.“, вели Марија Митева.
Од Судскиот совет последно нагласија дека е потребно да се почитуваат препораките од Оценската мисија на експертите кои ЕУ ги испрати во земјава да предложат реформи во советот. Најголемиот дел од нивните препораки се веќе преточени во законски измени и се наоѓаат во Министерството за правда.
„Ние како Блупринт група, кон крај на мај, го завршивме целиот процес и оттогаш не сме добиле никаква информација до каде е Законот, дали е доставен до Европската Комисија, до Венецијанската… и што понатаму, значи немаме информации.“, порача Јелена Кадриќ.
Кадриќ, која е дел од Блупринт групата за реформи во правосудството, вели дека би ја прифатиле поканата да дадат предлози, но тие повторно би биле на иста линија со европските експерти.
„Доколку не повикаат, дали министерот, дали премиерот, сигурно дека ќе дадеме наш придонес, бидејќи долго време работиме во оваа област. Нашето искуство е големо и би дале поддршка на измени, меѓутоа на измени во насока на препораките на Оценската мисија.“, вели Јелена Кадриќ
Пред да ја напушти фотелјата бившиот министер за правда Кренар Лога сподели детали од препораките. Со нив се предлага членовите во Советот да се бираат во Собранието на начин како и членовите на Антикорупциската комисија. Исто така, во иднина членовите на Советот би биле предлози на Адвокатската комора и професорите по право, а се менуваат и одредбите за потребното искуство во струката. Евроамбасадорот Дејвид Гир неодамна кажа дека токму овие препораки се патоказот за реформи на Судскиот совет.
