Министрите за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ во четврток ќе разговараат за последиците од падот на режимот на Асад во Сирија врз мигрантските текови и ќе го одобрат влезот на Бугарија и Романија во Шенген зоната.
За време на работниот ручек министрите ќе разговараат за последиците од падот на режимот на Асад. Веднаш по бегството на Башар ал Асад од земјата, неколку земји-членки на ЕУ објавија дека ја прекинуваат обработката на барањата за азил од сириските бегалци, меѓу кои Германија, Франција, Италија, Австрија, Хрватска, Шведска, Данска.
Министрите треба да донесат одлука за влез на Бугарија и Романија во Шенген зоната од 1 јануари следната година. Од тој датум, контролата на лицата треба да се укине на копнените граници на Бугарија и Романија со другите членки на Шенген, како и меѓу нив. Контролите на воздушните и поморските пристаништа веќе беа укинати на 31 март годинава.