Советот на Град Скопје ќе гласа за паметно јавно осветлување и Платформа за паметен град

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Развојниот план за изградба и одржување на паметно јавно осветлување на улици во надлежност на Град Скопје и платформа за паметен град на подрачјето на Град Скопје за период (2021-2023) година е една од главните точки за која ќе расправаат советниците на Град Скопје на денешната 60-та седница.

Со овој развоен план, информираат од прес-службата на Град Скопје, се утврдува дека Градот има потреба за имплементирање на систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град (Digital City), базирана на најсовремена технологија, интернет на нештата (Internet of Things/IoT), која ќе овозможи поврзување на разновидните уреди и компоненти на платформата преку интернет, заради собирање на информации за точно разбирање на настаните во реално време, анализа на истите и преземање на соодветна акција.

– Имплементацијата на системот за паметно осветлување предвидува набавка и инсталацијата на околу 10.000 нови ЛЕД светилки на сообракајниците, проштадите и јавните површини во надлежност на Градот, а со тоа значително ќе го модернизира постоечкиот систем и ќе ја унапреди енергетската ефикасност на Градот Скопје. Согласно иницијалните анализи, замената на постоечките натриумови и живини светилки со ЛЕД светилки како извори на енергетски ефикасно осветлување и дополнително користење на опцијата за нивна паметна регулација (димирање) на светлосниот интензитет, носи потенцијал за заштеди на потрошувачката на енергија за јавното осветлување, од околу 70 отсто во однос на постоечкиот систем, посочуваат од Град Скопје.

Покрај паметното осветлување, од Град Скопје потенцираат дека предвидено е изработка на платформа за дигитален град, која подразбира изработка и интеграција на модули за систем за паметно осветлување, систем за паметно паркирање, систем за мониторинг на квалитетот на воздухот, систем за јавно мислење и задоволство на граѓаните, систем за паметно мерење на потрошувачка на вода, како и Градски портал за IoT.

На денешната седница, советниците ќе расправаат и за поголем број на програми за работа на Градот Скопје, каде ќе одлучуваат за Програмата за одржување на јавната чистота на подрачјето на Град Скопје за 2021 година; Програмата за украсување на градот Скопје со знамиња по повод државни празници и други прилики, во 2021 година; Програмата за спроведување на дезинсекција на подрачјето на градот Скопје во 2021 година; Програмата за изработување на урбанистички планови на Град Скопје за 2021 година; Програмата за активностите на Градот Скопје од областа на средното oбрaзoвaниe во 2021 година; Програмата за за активностите во областа на спортот и младите во град Скопје, за 2021 година; Програмата за активностите на Град Скопје од областа на социјална, детска и здравствена заштита, во 2021 година; Програмата за управување со отпад на подрачјето на Град Скопје за 2021, како и за Програмата на активности од областа на заштитата на животната средина и природата на подрачјето на Град Скопје, за 2021 година.

Советниците, исто така, ќе одлучуваат и за субвенции за јавните претпријатија, како и за Одлуката за доделување награда за постигнати резултати на Европското првенство во бокс за млади, со која е предвидено доделување на награда од 100.000 денари на Ардијан Аземи, за постигнатиот успех, освоен бронзен медал на Европското првенство во бокс за млади во Будва – Црна Гора, во тешка категорија од 91 килограм.