Советот на обвинители го поддржа Коцевски – „Вишото обвинителство мора да има потписник“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за правда наскоро ќе испрати допис до Советот на јавни обвинители, откако Владата ја започна постапката за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски. Советот ќе има 15 дена рок да даде позитивно или негативно мислење за предлогот.

„Кога ќе биде доставен предлогот ќе се произнесеме.“, вели Душица Димитриеска.

Од Владата истакнаа дека Коцевски незаконски ја поставил обвинителката Нашата Колевска Цалева како вршител на должноста шеф на Вишото јавно обвинителство. Ова следува откако Мустафа Хајрулахи беше суспендиран од позицијата. Коцевски одговори дека неговата одлука е законска и тој не поставил вршител на должност како што тврди Владата, туку времен раководител.

„Од она што имав прилика да го прочитам по медиумите, причина за одлуката на Владата била тоа што изборот на раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје бил наводно незаконски. Верувам дека Владата ги немала на располагање сите релевантни и точни информации.“, вели Љупчо Коцевски.

 Одлуката на Коцевски ја поддржа и Советот кој ќе расправа за негово разрешување.

„Законска основа има за носење на ваквата одлука. Тоа Обвинителство мора да има јавен обвинител кој ќе го раководи, мора да има потписник.“, вели Душица Димитриеска.

Покрај за случувањата во Вишото обвинителство, од Владата истакна дека се разочарани од постапувањето на Јавниот обвинител надвор од законските надлежности, а разочарани биле и граѓаните од системот кој не функционирал.  Оттаму додадоа и дека во последниот Индекс на транспарентност четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во Обвинителството и во судството.

Инаку, државниот јавен обвинител се разрешува во Собранието со 61 глас. Досега на ваков начин од функцијата единствено беше разрешен Марко Зврлевски во 2017-тата година.